Како изгледа првиот чекор кон студентскиот живот во Словенија? На ова прашање се обидовме да дадеме одговор преку настанот „Запознај ја студентска Словенија“, кој го организиравме на 18 септември 2023 во НЛБ Галерија во Скопје. Атмосферата беше полна со возбуда – повеќе од 100 идни студенти и нивните семејства дојдоа со едно исто чувство: желба да откријат што ги чека таму каде што ќе го започнат своето ново поглавје.
Што се крие зад студентскиот живот во Словенија?
Наместо суви информации, студентите имаа можност да слушнат вистински приказни – од оние што веќе го минуваат истиот пат. Студенти од Љубљана, Марибор и Копер зборуваа за своите предизвици, првите впечатоци, смешни ситуации и моментите кога поддршката од заедницата била пресудна. А публиката? Со огромно внимание впиваше сè, бидејќи токму тие прашања што никогаш не ги пишува на брошурите – тука добија во вид на искрени одговори.
Гласови што инспирираат
На сцената се појавија нашите членови Киара Лазиќ, Ангел Наумов, Климентина Чаповска и Игор Арсов – секој со своја приказна, свој факултет, свој град. Заедно со модераторот Леон Шумански и водителот Васил Ханџиски, тие го претворија панелот во вистински разговор кој изгледаше повеќе како другарска дружба отколку како формална дискусија. Зборуваа за испити, за нови пријателства, за живот во студентски домови и за тоа колку е важно да не се откажуваш дури и кога ти изгледа најтешко.
Зад сцената – нашите поддржувачи
Настанот не би бил можен без поддршката на Амбасадата на Република Словенија во Северна Македонија, НЛБ Банка Скопје, Капитал Финансиски Центар, Дијаг и Радио МОФ. Но вистинската сила ја дадоа МСОСци за подготвка на настанот и студентите со своите прашања, својата енергија и својата љубопитност.
На настанот значајна поддршка и помош добивме и од Мелита Секуловска при организирањето на просторот и Александар Поповски при дизајнирање на веб страната на организација. Свечено им се заблагодаривме за нивната посветена работа, како и на работата на координаторката на настанот, Леа Јаначковска која го направи овој настан извонреден.
На Амбасадата и на НЛБ Банка со помош на компанијата Дијаг доо им изработивме и две плаќети во знак на благодарност за сета помош и поддршка која ни ја пружија.
Зошто беше посебно?
Затоа што овој настан не беше само уште една презентација. Тој беше рака подадена кон идните студенти – порака дека не се сами, дека веќе постои заедница што ги чека. Некои од нив заминаа со нови пријатели, други со конкретни одговори на прашања што ги мачеле со месеци. Но сите заминаа со исто чувство: дека Словенија повеќе не е непознато место, туку нов дом во кој ќе бидат дел од нешто поголемо.
„Настанот беше „game changer“ за мене бидејќи конечно добив информации што ми помогнаа навистина да ја запознаам студентска Словенија наместо уште едно купче брошури. Панелот беше супер, опуштен, со муабети за најдобрите места за излегување, денови заглавени во библиотека, животот во студентски домови и класичната „се успав пред испит“ приказна... П.С. А, нетворкингот, нетворкингот беше топ – без незгодно ќутење.”
Практични совети од прва рака
Посебен момент на настанот беше обраќањето на конзулот од Амбасадата на Република Словенија во Северна Македонија, господинот Мартин Глазар. Тој накратко ги претстави најважните чекори од процесот за добивање дозвола за привремен престој – една од најголемите грижи и предизвици за сите странски студенти во Словенија. На тој начин, идните студенти добија појасна слика за тоа што ги очекува и како полесно да се справат со административните процедури.
За оние што не беа физички присутни со нас
Не секој успеа да биде присутен во салата, но затоа се потрудивме никој да не остане без ова искуство. Настанот го пренесувавме во живо преку нашата Фејсбук страница, а снимката сè уште е достапна. Ако сакаш да ја доживееш атмосферата и да ги чуеш приказните од прва рака, можеш да го погледнеш целиот настан на овој линк тука.
Се гледаме во Словенија!
Со „Запознај ја студентска Словенија 2023“ успеавме да им подадеме рака на новите студенти и да им покажеме дека пред нив стои возбудливо патување полно со нови пријателства, предизвици и успеси. Искрено се надеваме дека следниот пат ќе се сретнеме токму таму – во предавалните, студентските домови и улиците на Љубљана, Марибор и Копер.
Овој настан немаше да биде можен без поддршката на нашите партнери и пријатели, на кои им упатуваме огромна благодарност:
- Амбасада на Република Словенија во Северна Македонија (партнер)
- НЛБ Банка Скопје (главен спонзор и покровител)
- Капитал Финансиски Центар (спонзор)
- Дијаг доо (спонзор)
- Радио МОФ (медиа партнер)
Благодарност до сите што беа дел од овој настан – а на идните студенти им порачуваме: вашата приказна во Словенија штотуку започнува и ние сме тука да бидеме дел од неа.