На 8 октомври 2022 година, во срцето на Студентскиот кампус во Љубљана, се одржа првата македонска студентска вечер во Словенија. Под мотото #FeelsLikeHome, повеќе од 500 млади уживаа во македонска музика, вкусна традиционална храна и атмосфера која потсетуваше на дома. Овој настан не беше само журка – беше почеток на една нова приказна, која подоцна ќе прерасне во Македонска студентска организација во Словенија (МСОС).

Како една идеја за дружење стана почеток на движење

Сè започна со едноставна желба – да се собереме, да се запознаеме и да ја почувствуваме Македонија, иако сме далеку од неа. Кристијан Поповски, тогаш студент на Економскиот факултет во Љубљана, ја сподели својата идеја со неколку колеги, а одговорот беше неверојатен. За помалку од две недели, преку 40 студенти се пријавија во организацискиот тим. Секој понесе дел од својот ентузијазам и време, а заедничкиот дух и желбата за поврзување ја претворија оваа спонтана иницијатива во настан што долго ќе го паметиме.

Подготовки и состаноци за македонската студентска вечер
Фотографии од подготовките и состаноците за организирање на македонската студентска вечер

Од тој момент, секој слободен миг го поминувавме во канцелариите на студентската организација „Повезани“, кои ни дадоа голема поддршка во организирањето. Денови и ноќи правевме планови, одржувавме состаноци, пишувавме објави на социјалните мрежи – сè со цел да создадеме настан кој првично мислевме дека ќе привлече, ако имаме среќа, околу 100 посетители.

Една недела пред настанот, секој ден објавувавме интересни факти за Македонија, нејзините национални богатства, музика и култура. Полека, но сигурно, ја градевме атмосферата и ентузијазмот, не само кај македонските студенти, туку и кај многу други кои сакаа да ја почувствуваат нашата енергија.

Хамер со испишани кирилични и латинични букви
Хамер со испишани кирилични и латинични букви. Словенците ја учат македонската азбука, додека македонците ги подучуваат.

„Организирањето на првата МСОС журка беше уникатно искуство – без сон, амбициозни и вклучени во сè, од логистика до бришење на подот... Среќа што постои Red Bull 😉 (П.с. целиот фрижидер го испивме!)“

— Марко – студент во прва година

Вкусот и мирисот на Македонија во срцето на Љубљана

Журката започна во 20:00 часот и беше замислена во два дела. Првиот дел беше вистинско гастрономско и културно патување низ Македонија. Студентите можеа да пробаат лебчиња со ајвар и биено сирење, македонско вино, вкусни грицки и традиционални пијалоци. На масите имаше изложени и други автентични производи што сите ги потсетуваа на дома. Сите овие вкусови и мириси беа овозможени благодарение на поддршката од продавницата за македонски производи „Македонија Трејд“, кои несебично придонесоа овој дел од вечерта да биде вистинско уживање.

Штандови со македонски обележја, традиционална храна и пијалаци
Фотографии од штандовите со македонски обележја, традиционална храна и пијалаци.

Покрај храната, посетителите можеа да разгледаат интересни факти за државата, фотографии од познати македонски дејци и културни знаменитости, како и да видат традиционални носии и гајда одблиску. Атмосферата беше топла и полна со љубопитност – како мала изложба во рамките на една голема студентска забава.

Мини квиз со прашања за Македонија
Мини квиз со прашања за Македонија, каде студентите во едниот дел од клубот се натпреваруваат

Поддршка од македонската заедница и дипломатијата

Вечерта беше збогатена и со присуството на важни гости од македонската заедница во Словенија. На настанот ни се придружи претседателот на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, г-н Благоја Настески, кој со своето присуство ја потврди важноста на ваквите иницијативи за одржување на македонскиот дух и традиција во дијаспората.

Кристијан и Бисера заедно со амбасадорката Зеленковска и претседателот г-н Настески
Кристијан и Бисера заедно со амбасадорката Зеленковска и претседателот на Сојузот на македонски друштва, г-н Настески

Посебна чест ни беше да ја пречекаме и амбасадорката на Северна Македонија во Словенија, г-ѓа Сузана Зеленковска, која упати топли зборови на охрабрување и поддршка за младите. Нејзиното присуство и интерес за настанот беа дополнителен мотив да продолжиме со нашата мисија за поврзување и афирмација на македонската студентска заедница.

Журката беше одлична, со супер енергија што се шири насекаде. Студенти на сите страни и во еден момент владееше мал, но контролиран хаос – вистинско место каде што успеавме да се избориме и да направиме еден навистина одличен настан. Иако ја завршивме журката малку порано, студентите не престанаа уште еден час да пеат заедно со нас, како што го расчистувавме местото. Навистина, ноќ за паметење!

„Бев дел од тимот за организација и требаше да одржувам ред и мир меѓу студентите, ама кога ми ја пуштија песната ‘Бисер Балкански’ не издржав – па им се приклучив и јас... Тоа беше мојот специјален момент таа вечер!“

— Христијан – студент во втора година

Почеток што ќе го паметиме

Таа вечер не беше само уште една студентска забава – беше моментот кога сфативме дека сме започнале нешто поголемо. Наместо очекуваните 100 гости, во клубот влегоа околу 500 студенти, а енергијата беше неверојатна. Се создадоа нови пријателства, се слушаа песни што ги пеевме од срце, а македонската култура и традиција беа во прв план цела вечер.

Оваа ноќ го постави темелот за Македонската студентска организација во Словенија и ни покажа дека со ентузијазам, заедништво и малку храброст, може да се создаде нешто што ќе ги обедини луѓето и ќе им даде чувство на дом – дури и кога се далеку од него.

Посветениот тим на волонтери по завршувањето на настанот
Фотографија направена во 4 часот наутро, по завршувањето и средувањето на просторот заедно со посветениот тим на волонтери